Нашите партнери Refin Ceramiche имаа конкурс објавено за сите проекти кои се изработени во текот на годината со нивната врвна керамика. Еден од победниците на нивниот конкурс е нашата архитектка Маргариа Милевска со делото Daily Food & Wine. Во интервјуто ви споделуваме за нејзиното исксутво и инспирации за креирање на еден ваков ексклузивен проект признат во светски рамки.

1. Која е Маргарита Милевска? Дали може да ни кажете нешто повеќе за вас? Колку време се занимавате со архитектура и ентериер? Какви проекти имате во вашето портфолио? 

Јас сум дипломиран инженер архитект кој веќе 23 години работам во Тинекс МТ (Тинекс маркети) како проектант и надзор за сите објекти кои се во сопственост на фирмата. Иако желбата на секој млад архитект е да работи во проектантско биро, сепак голем беше предизвикот да се создаде урбан, модерен, функционален и пријатен амбиент, простор од еднолични продавници за продажба на храна и други производи.

Навидум супермаркетите се со едноставна опрема и немаат многу можност за големи ентериерни изненадувања, но се специфична категорија на малопродажба во која секое точно поставено парче опрема, изборот на соодветно осветлување, избор на секој детал, нејзината боја допринесуваат до истакнување на секој производ, како и купувачот да ужива во монотоната и за многумина досадна работа – пазарење.

После 23 годишно искуство зад себе можам да кажам дека сум експерт во ентериерно проектирање и уредување на продавници за малопродажба. Зад себе имам изработено и изведено повеќе од 55 супермаркети, деликатесни продавници (како Tinex Delikatessen) 15 парфимерии и дрогерии (Cosmo), туристичка агенција, продавници за декоративен мебел и домаќинство (Тинекс Home), бистроа ( Tinex To Go), и секако моите два најомилени проекта Daily Food & Wine во центар Зебра и центар Lisa.

2. Како ги избирате проектите и што е важно да се има во предвид при започнување на еден нов проект?

Kако вработена во фирма немам можност да бирам кои проекти ќе ги работам, но според мене за секој простор што треба да се проектира потребно е да се пријде со иста сериозност во проектирањето независно дали е бања од 10м2 или трговски центар. Пред започнување со новиот проект е важно за кого е тој простор наменет, особено треба да се запознае карактерот на корисникот на тој простор (доколку е домување – луѓето кои ќе живеат, итн.), нивните идеи и желби и сето тоа да се вклопи во еден хармоничен и функционален простор.

3. Секое започнување на нов проект, наложува избирање на лојални соработници кои нудат квалитетни продукти. Еден од вашите соработници е и Италекс Инженеринг. Можете ли да ни кажете како дојде до меѓусебна соработка? Кои продукти би ги издвоиле како исклучителни од богатиот асортиман на продукти на Италекс Инженеринг?

Со Италекс Инженеринг сме повеќе од 10 години соработници. Првата реализирана соработка дојде кога го правев проектот за Cosmo во Skopje City Mall, чиј ентериер требаше да биде изработен со поексклузивни материјали. Потоа следеше континуирана соработка која најмногу може да се види во изведбата на Lisa Centar.

Заљубена сум во производите на Refin Ceramiche кои со своите дизајни на плочки секогаш се чекор пред сите други. Со нивните производи е изработен ентериерот на Tinex Delikatessen во катната гаража Беко, Daily Food & Wine во Lisa Centar, Cosmo и Tinex Home, Tinex To Go исто така во Lisa Centar. Друг омилен производител од изборот на Италекс би ги издвоиле Graniti Fiandre со чии производи е изработен ентериерот на Delikatessen Водно.

4. Во вашето богато портфолио имате многу интересни проекти. Eден од нив е и победничкиот проект на конкурсот на Refin Ceramiche во категоријата ресторани, тоа е проектот Daily Food & Wine. Која беше инспирацијата за овој извонреден ентериер? Како се применети продуктите на Италекс Инженеринг?

При изработката на проектот неопходно ми е да се запазат повеќе параметри, пред се функционалност на просторот, избалансираност на корисен и слободен простор, да им се овозможи на гостите и персоналот во ниеден момент да не се наруши нивниот престој и функцијата на просторот. Дизајнот на ентериерот е модерен во склоп на дизајнот на целиот Lisa Center. Употребени се елементи изработени од дрво, нијансирано во повеќе топли тонови, со што се долови саканата топлина и дава чувство на дом и лежерност, додека челичните, кожните и кадифените елементи на мебелот слоевито интегрирани во просторот дополнително придонесуваат за остварување на топол и пријатен амбиент.

Токму затоа како под се избрани плочки со дрво декор од производителот Refin Ceramiche, со колекцијата Mansion чиј дезен е пресликан од подовите во Версај, со тоа што на локалот му дава една елегантна класична нота. За шанкот и дел од ѕидовите се одбрани плочките Boston Petrolio oд FAP Ceramiche со димензии на класична тула, повторно да се долови оној пријатен домашен амбиент, но секогаш се тука црните метални профили, носачи на полици и ногарките на масите да дадат тон на индустрискиот дизајн.

Кујната е отворена, транспарентна, достапна што уште повече придонесува за пријатна атмосфера и создава интеракција помеѓу персоналот и гостите. Осветлувањето ја заокружува приказната за пријатниот амбиент. Различната форма и должина на лустерите ги дефинира местата за седење и внесува динамика во просторот, со бојата на светлината и со својот специфичен облик. Истиот дизајн спонтано преминува и на пространата тераса на која нотата на индустрискиот дизајн е поизразена поради стилот на фасадата. За подот е користен моделот на плочки Plant Ash од Refin Ceramiche со дезен на бетон, кои прават совршен спој со мермерниот изглед на шанкот од моделот Calacatta со димензии  oд истоимениот бренд, додавајќи топлина на целиот амбиент со дрвени елементи.

5. При секоја работа се соочуваме со различни предизвици. Што претставувало за вас најголем предизвик за реализација и како го надминавте истиот?

Секој нов проект сам по себе е предизвик, особено за мене најголем предизвик е следниот проект да биде подобар од претходниот. До сега најголем предизвик ми беше како во исто време да изработам и реализирам 4 проекти за 4 различни категории на продажба, а сепак во ниеден од нив да не се повторат исти елементи во ентериерот. Секој да има свој белег и сите да се изведат во исто време. Тоа беа Super Tinex, Tinex To Go, Tinex Home, Daily Food & Wine сите во центарот Lisa, како и целиот ентериер на Lisa Centar. Во тоа многу ми помогнаа Италекс Инженеринг кои безрезервно во секој момент ми стоеја на располагање со изнаоѓање на производи кои ќе ми одговорат на целокупниот дизајн.

6. И за крај, дали можете да ни кажете кои трендови се актуелни во моментов? Што би ги советувале нашите читатели кога станува збор за уредување на еден простор? На што е потребно да обрнат посебно внимание? 


Според светските трендови веќе се напушта оној индустриски дизајн како и скандинавскиот. Се уште се во тренд елементи со декор на природни материјали како дрво, мермер. Новитети се внесувањето елементи со златна боја, употреба на многу мермер и метал, како и сјајни површини.

Иако денес постојат многу социјални страни со фотографии за уредување на простор како Pinterest мој совет до читателите е секогаш да се консултираат со архитект или дизајнер за остварувањето на нивните желби во ентериерот и целиот простор кој се уредува. Се она што во моментот е ултра модерно за многу кратко време се заменува со друг актуелен стил, затоа ги советувам изборот на ентериерот да биде современ а се она што е моментален тренд да го применат во некои детали, кои потоа можат полесно да ги заменат со други нови тренд елементи.

Да практикуваат употреба на многу зеленило во просторот кое внесува позитивна енергија и свежина во секој амбиент.

 

© Copyright 2019 Italex Inzenering. Developed by Synapse