Од неодамна во Скопје се отвори нова бензинска пумпа ОКТА заедно со ресторан за брза храна КФЦ. Новиот локал беше уреден со квалитетни продукти од палетата на Италекс Инженеринг во соработка со архитектонското биро за проектирање – Радо Инженеринг. Дознајте повеќе за целиот концепт во интервјуто со архитектката Лина Радовановиќ, за идејата за уредување на просторот, изборот на материјали и сл.

1. Која е Лина? Дали може да ни кажете нешто повеќе за вас? Колку време се занимавате со архитектура и ентериер? Какви проекти имате во вашето портфолио? 

Потекнувам од архитектонско семејство. Уште од најмала возраст се сеќавам како си играв со лењири и фломастери, како чекав да се ослобди работната маса и да седнам да цртам со шина и шаблони. Секој семеен ручек кај нас е проследен со разговори за проектирање, архитектура, дизајн и уметност. За што друго би зборувале кога мајка ми, татко ми, брат ми, снаата и јас сме архитекти.

Можам да кажам дека целиот мој живот сум опкружена со архитектура но од пред 7 години  официјално се приклучив како дел од фамилијарното биро за проектирање, Радо Инженеринг.

Како дел од портфолиото се проектирање на семејни куќи, станбени згради, хотели и секако, ентериери. Како што велат, 1 слика вреди 1000 зборови, и затоа најдобар начин за да видите што поточно правиме е преку нашето портфолиото на www.rado.com.mk 

2. Како ги избирате проектите и што е важно да се има во предвид при започнување на еден нов проект?

Проектите ме бираат мене, не јас нив. За мене најважно е да имам добра комуникација и разбирање со инвеститорите и изведувачите. Без добра комуникација не може да се оствари ниту еден добар проект.

3. Секое започнување на нов проект, наложува избирање на лојални соработници кои нудат квалитетни продукти, како што е Италекс Инженеринг. Како вие ја изградивте вашата мрежа на соработници? Што е тоа што е потребно еден ваш соработник да може да го обезбеди за клиентите? 

Морам да признам дека првично мрежата на соработници ја превземав од моите родители и од брат ми. Нормално со тек на годините мрежата на соработници се менува, некои остануваат, некои заминуваат и доаѓаат нови.

На клиентите треба да им се обезбеди пред се, производ со врвен квалитет и можност за избор кој ќе го задоволи сечиј вкус. Исто така многу битен фактор е и почитувањето на зададените рокови за достава и сл. Тимот на Италекс Инженеринг е наш верен соработник скоро 30 години.

4. Вашиот најнов проект беше ентериерното уредување и визуелниот изглед на новоотворената бензинска пумпа на Окта заедно со ресторанот за брза храна КФЦ кои се наоѓаат во непосредна близина на хотел Континентал. Можете ли да ни откриете што ќе им понуди овој концепт на потрошувачите?

Како дел од семејството на ОКТА, во новоотворената бензинска пумпа се приклучи и ресторанот за брза храна КФЦ. Спојот меѓу два добро познати и докажани брендови во својат дејност како ОКТА и КФЦ е рецепт за успех. На новата пумпа, потрошувачите ќе имаат можност да наполнат гориво, имаат пристап до продукти од секаков вид во маркетот и секако да се почастат со оброк од КФЦ. Сето ова е достапно 24/7 за потрошувачите.

5. Имајќи во предвид дека изборот е навистина голем кога станува збор за керамика и плочки, што направивте за да го издвоите ентериерот но, истовремено да ја зачувате автентичноста на брендовите? Кои работи треба да се земат во предвид при избор на керамика и плочки? Како го избравте брендот Италекс Инженеринг?


Кога прифатив да го работам овој проект, веднаш знаев дека црвената и белата боја од логото на ОКТА мора да бидат вклучени во ентериерот. Во договор со инвеститорот сакав да направам едноставен, модерен и безвремен дизајн кој ќе може да се примени и на останатите ОКТА бензински пумпи. КФЦ имаат свои стандарди и правила кога се работи внатрешно уредување.

Ми беше големо олеснување кога видов дека нивниот дизајн и мојата замисла се надополнуваат. При изборот на керамика мора да се внимава да се одбере соодветна плочка за намената на објектот. Мојата визија и намената на објектот ја споделив со стручниот тим на Италекс Инженеринг кои ми дадоа неколку предлози. На крај изборот падна на Imperio Soft – Refin 120/120 цм. Овие сиви мермерни плочки одлично се надополнија со антрацит сталажите со црвена опшивка и бело-црвениот наплатен пулт. 

6. При секоја работа се соочуваме со различни предизвици. Што претставуваше најголем предизвик за реализација на овој проект? И како го надминавте истиот?

Предизвик беше да се работи на објект во кој се споени 2 големи бренда како ОКТА и КФЦ и да се задоволат нивните високи стандарди и барања. Да бидам искрена јас сум малку тврдоглава и кога ќе замислам нешто, доследна сум во реализирање на својата идеа до крај.

Долго време живеам со идеата, ја креирам, ја визуелизирам и сигурна сум дека крајниот исход ќе биде добар. Кога на сето ова би ги додала квалитетниот избор на материјали, квалитетната изведба, задоволниот инвеститор и задоволните потрошувачи, тогаш сум сигурна дека целта е постигната и предизвикот е завршен.

7. И за крај, дали можете да ни кажете кои трендови се актуелни во моментов? Што би ги советувале нашите читатели кога станува збор за уредување на еден простор?  

Како во модата така и во архитектурата, трендовите постојано се менуваат. Во моментов се актуелни храбрите монохроматски ентериери, употребата на различни материјали и бои во купатилата, терацо подовите и миксот од стари и нови парчиња на мебел.

За крај би напоменала дека трендовите треба да се следат, но не по секоја цена. Крајниот продукт треба да ги задоволи желбите и чувствата на оној кој ќе поминува најмногу време во него. Би ги советувала читателите да се обратат кај стручно лице кое ќе им помогне во уредување на просторот. Сликите од Pinterest и самостојната изведба не секогаш го даваат посакуваниот резултат.

© Copyright 2019 Italex Inzenering. Developed by Synapse